Фондацијата за Локален економски развој и Информатичка технологија (ЛЕР-ИТ) при Општина Штип, започна со уредување на парковите кај Градскиот пазар во Штип. Директорот на Фондацијата ЛЕР-ИТ, Ангел Бојаџиев најави дека се уредуваат шест паркови површини на станбените згради, кои се наоѓаат спроти Градскиот пазар.
„Според програмата на градоначалникот на Општина Штип, Илчо Захариев и на Фондацијата ЛЕР-ИТ работиме на овие шест паркови, бидејќи овде 40 години не е инвестирано. Значи овие паркови не се обновени и сега веќе почнуваме со нивно обновување. Предвидено е да се направи преграден потпорен ѕид од камен, убав украсен камен, потоа ќе се направи осветлување на парковите, ќе се постават клупи и овде ќе биде едно убаво катче за сите граѓани,“ вели Бојаџиев.
Тој додава дека екипите на Фондацијата ЛЕР-ИТ на Општина Штип работат и на уредување на црквата „Злата Мегленска“ во населбата Балканска и во моментов ја обновуваат фасадата на една од најстарите згради во Штип, која се наоѓа во близина на зградата на Општина Штип. Со подобрување на временските услови, повторно ќе започне конструкцијата на коритото на река Отиња.