![bitola-2](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2023/06/bitola-2.jpg?resize=696%2C446&ssl=1)
Со уметнички интервенции во јавен простор, во кој омразата на битолските ѕидови – ќе биде претворена во нови графити и цртежи на неколку локации, започна 22. издание на меѓународниот арт фестивал „Битола отрворен град“, а ќе заврши со големиот музички хепенинг во сабота вечер во Градскиот парк во Битола на кој ќе настапи белградското етаблирано трио „Репетитор“, а доаѓаат бендот „Арумбо“ од Барселона, како и битолчаните „Лусент“.
Младински културен центар – Битола, кој е зад овој фестивал, го трансформира градот во сцени за визуелни уметности, за настап на млади нови бендови, а предвидена е и програма со електронска музика со домашни и странски ДЏ-и која започнува од зајдисонце пред првaта знаковна кафетерија „Улаф сте“, а завршува пред еден од историските објекти во Градскиот парк Битола – „Соколана“ ,кој досега не се користел за вакви настани.
– Започнува „Битола отворен град“. Битола ја трансформираме во урбана уметничка сцена оживувајќи различни урбани простори. Млади луѓе, менторирани од уметници ги претворија ѕидовите во уметничко платно. Настанот е инспириран од говорот на омраза на битолските ѕидови и претставува уметнички крик против говорот на омраза преку графити и цртежи – изјави Маја Ангеловска, програмска менаџерка во МКЦ – Битола.
Покрај планираните бројни концерти и изложби на млади талентирани луѓе, волонтерството е алката по која овој фестивал е препознатлив. Волонтерите се во центар на сите активности, на овој начин се прави поврзување помеѓу новите генерации и стилови.
-„Битола отворен град“ ја одразува посветеноста на фестивалот за поттикнување на позитивна и инклузивна средина за сите, продолжувајќи ја мисијата да обединува локални и меѓународни таленти, поттикнувајќи меѓукултурна размена и промовирајќи го културниот дух на Битола” – изјави Сашо Додовски, директор на МКЦ Битола.
Фестивалот е платформа за храбра и независна мисла и упорен застапник за промена на културните обрасци во градот, земјата и регионот.
– Големиот музички хепенинг е заштитен знак на фестивалот. Имаме одлична комбинација на три бендови од Барселона, Белград и Битола за потполно целовечерно уживање во урбаниот модерен звук. Концертот ќе биде во Градскиот парк во Битола в сабота, со почеток во 20.30 часот. Сите настани на фестивалот се на отворени и алтернативни простори, без наплаќање на влезници и достапни за сите љубители на урбаната култура. Битола е отворен град за сите” – истакна Златко Талевски, извршен директор на МКЦ-Битола.