Белоруските војници ја започнале на полигоните во Русија обуката за користење тактичко нуклеарно оружје објавија во вторникот од Москва и од Минск.
„Тактичкиот проектил Искандер-М им е испорачан на белоруските вооружени сили. Системот овозможува употреба на обични проектили, но и нуклеарни. Од 3-ти април белоруските војници ја минуваат обуката за нивно користење во еден руски центар за обука“, изјави рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу во текот на советувањето со командата на вооружените сили.
„Дел од белоруските авиони на јуришната авијација се оспособени за нанесување удари врз објектите на противниците со нуклеарно оружје“, додаде Шојги во инсертите емитувани на руската телевизија.
Кон средината на ланскиот октомври во текот на заседанието на Првиот комитет Генералното собрание на ОН, еден од челниците на руската делегација Константин Воронцов истакна дека станува збор за исклучиво предавање на комплексите Искандер-М со двојна намена на Белорусија со проектили во конвенционална опрема како и за техничко оспособување на белоруските авиони од моделот „Су-25“ за носење нуклеарно оружје. Притоа нагласи дека нема планови за трансфер на технологии за пренамена на авионите во носители на нуклеарно оружје.
Тактичкото нуклеарно оружје може да предизвика голема штета, но зрачењето е помало отколку при користењето стратешко нуклеарно вооружување.
Како што истакна Шојгу, таквите чекори се преземаа како одговор на зголемувањето на борбената готовност на здружените сили на НАТО а интензивирањето на разузнавачки активности на алијансата во близина на границите на Белорусија и Русија.
Информациите што ги сподели Шојгу на состанокот во Москва, и потврди во Минск и белоруското министерство за одбрана но не наведе колку долго ќе трае обуката и колку белоруски војници се вклучени.
„Припадниците на овие единици детално ќе ги проучат прашањата кои се однесуваат на содржината и користењето на тактичкото нуклеарно оружје, Белоруските војници ќе минат комплетен циклус на обуката во еден центар за обука на руската вооружени сили“, објавија од Минск.
Рускиот претседател Владимир Путин на 25-ти март објави дека Русија ќе распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, според договорот за Унија на државите меѓу Москва и Минск од 1990-те години. Тогаш Путин истакна дека десет белоруски авиони веќе се опремени за користење таков вид оружје, а специјалното складиште за тоа вооружување ќе биде завршено до 1-ви јули.
Белорускиот претседател Александр Лукашенко минатата седмица изјави дека е подготвен да размести и стратешко нуклеарно оружје на белоруска територија, откако се забележани разместување големи трупи на НАТО во земјите членки во близина на границите со Белорусија.