Почна попишувањето на затворениците, дијаспората и бездомниците

Со попишување на затворени и притворени лица во Казнено-поправната установа К’шање во кумановско денеска и официјално почна пописот во Македонија.

Пописот ќе трае две недели и ќе се одвива во неколку фази. За таа цел ќе бидат ангажирани четири овластени попишувачи. Директорот на Управата за извршување санкции Марјан Спасовски информираше дека дека при пописот на осудените се запазени сите безбедносни и пред се’, здравствени протоколи.

Од денеска во функција е и регистарот на веб страницата на Државниот завод за статистика (ДЗС) на кој што ќе можат да се попишуваат иселените во дијаспората. Директорот на Заводот, Апостол Симовски изјави дека проблемот со матичните броеви на луѓето родени по 2000 година е надминат и дека најголема казна за сите ќе биде ако граѓаните одбијат да се попишат.

Министерот за правда Бојан Маричиќ апелираше до политичките партии да не го политизираат пописот и ги повика, заедно, да испратат истата порака, за активно учество на пописот. Наместо тоа партиите не попуштаат пред своите ставови. Додека СДСМ и Демократскиот сојуз ги повика сите Македонци од дијаспората да ја искористат можноста и масовно да се попишат од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ваквото спроведување на пописот е исполнување на нечија политичка желба.

Од Алтернатива пак денеска побараа, како што велат тие, веднаш да се престане со нерегуларностите и манипулацијата на пописот на дијаспората особено кај Албанците кои имаат македонско државјанство.

По завршувањето на овој претходен попис, во периодот од 1 до 21 април 2021 година ќе се изврши пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија.