Почна постапката за екстрадиција на Даниел Иванагиќ кој е осомничен заедно со Зеќири

Министерството за правда информира дека е отпочната постапка за екстрадиција на хрватскиот државјанин Даниел Иванагиќ од Словенија.

-Добиено е известување од Интерпол-Скопје, дека Иванагиќ е лишен од слобода во Словенија врз основа на распишана меѓународна потерница од надлежните правосудни институции. Барањето за екстрадиција е доставено до Министерството за правда на Словенија согласно роковите утврдени со Законот за меѓународна соработка во кривична материја и Европската конвенција за екстрадиција, поради основано сомнение за сторено кривично дело, злоупотреба на службената положба и овластување.

Иванагиќ, управител на консултантското друштво „Интерхолдинг“, по кого беше распишана меѓународна потерница е уапсен на граничен премин при обид за влез во Словенија, каде се наоѓа во екстрадициски притвор.

Во отсуство на Иванагиќ, судија на претходна постапка пред три месеци му одреди мерка притвор која требаше да се активира по неговото пронаоѓање.

Иванагиќ и основачот на „Интерхолдинг“, Денис Фудуруќ, по кого сè уште се трага, се осомничени во случајот на поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири кој од нив, според македонското Обвинителство за гонење на организиран криминал и корпуција, нарачал изработка на физибилити студија за реструктурирање на „Македонска пошта“.

Зеќири во моментот е во домашен притвор. Според Обвинителството, Зеќири ги исплатил парите, без „Интерхолдинг“ да мине на тендер, нешто што тој го негира.

„Со преземените дејствија, осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист, а на штета на Буџетот на Република Северна Македонија, во вкупна вредност од 57.932.100,00 милиони денари, износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, беше наведено во соопштението на Основното јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.