Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денеска изврши увид на почетокот на градежните работи за реконструкција на улицата ул. „Димо Хаџи Димов“ во општината Кисела Вода каде едновремено се гради и нова атмосферска канализација.
– Градот Скопје ја реконструира улицата Димо Хаџи Димов, на потегот од раскрсницата со улицата „Антон Попов“ до улицата „Народни Херои“, која е една од најфреквентните улици во општината Кисела Вода. Барањето за реконструкција е истакнато како децениски проблем од страна на жителите кои редовно транзитираат по овој дел на градот, при што со проектот дополнително се зголемува безбедноста на учесниците во сообраќајот.
Улицата Димо Хаџи Димов целосно се реконструира во вкупна површина од 6520 м2 на должина од 800 метри, се заменуваат оштетените рабници, се нивелираат шахти и сливници, планирано е и соодветно хортикултурно уредување. Истовремено Град Скопје инвестира и во нова атмосферска канализација во должина од 900 метри, а се врши и целосна реконструкција на водоводната мрежа. – изјави градоначалничката Арсовска на денешната прес конференција за медиумите.
-Реконструкцијата на оваа улица решава децениски проблем на граѓаните од овој дел на општината, а ние посветено работиме во нивен интерес. Ова е само почеток на дел од проектите кои ги реализираме на територијата на општина Кисела Вода. Рокот на изведба на улицата Димо Хаџи Димов е три месеци, а Градот Скопје во оваа реконструкција вложува 41 милион денари.