Почна традиционалниот планинарски марш во чест на Борис Трајковски

Петнаесет планинари од Струмица, Валандово, Радовиш и Гевгелија 18 пат маршираат во чест на трагично загинатиот македонски претседател, Борис Трајковски.

Маршрутата и годинава ја почнаа пред споменикот „Македонија“ во Струмица, подигнат во чест на Трајковски, каде положија свежо цвеќе и со едноминутно молчење му оддадоа почит.

– Патот е долг околу 200 километри кој ќе го поминеме во неколку етапи и в недела на 26 февруари, на денот на загинувањето на претседателот Трајковски, на негобиот гроб во Скопје ќе положиме цвеќе, рече Душко Ќосев од ПАОК „Ентузијаст“ од Струмица.

Освен до Скопје, 60 планинари од земјава и Бугарија во сабота и недела ќе пешачат и по падините на планината Беласица. Тие ќе се искачат на врвот „Ботра“ кој го носи името на Трајковски, на надморска височина од 1.880 метри.