Почнаа клинички испитувања во Грција на израелскиот лек за третман на коронавирусот

Околу 90 пациенти заразени со ковид-19, пет дена ќе го примаат новиот израелски лек за терапија на коронавирусот во рамките на клиничките испитувања што од денеска започнаа во две атински болници, јави дописничката на МИА од Атина.

Директорката на клиниката за пулмологија во болницата „Сотириа“ Мина Гага за грчката телевизија „Мега“, објасни дека лекот се прима со инхалација, во клиничките испитувања учествуваат пациенти во блага или средна состојба, на возраст од 18 до 80 години, за да се испита дали лекот може да спречи влошување на здравјето.

– Станува збор за технолошки напреден лек. Се дава со инхалација и се прима пет дена. А пациентите ги следиме дури и да се отпуштени од болница до 23-от ден. Сакаме да видиме колку брзо оздравуваат оние кои го примаат лекот и колку помалку стигнуваат до респиратори – објасни Гага.

На почетокот на февруари годинава, грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на средбата со неговиот израелски колега Бенјамин Нетанјаху изрази интерес и Грција да учествува во клиничките испитувања за израелскиот лек за третман на сериозни компликации од ковид-19, а во четвртокот, како што објави МИА, Мицотакис се сретна со израелскиот професор по медицина Надир Арбер, кој е одговорен за новата терапија за коронавирусот на која се работи во медицинскиот центар Ичилов во Тел Авив и беше соопштен почетокот на испитувањата во Грција во рамките на втората фаза.