Почнаа уписите на Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип

Почнаа уписите на 12 факултети и три академии на Универзитетот „Гоце Делчев“(УГД)-Штип информираше на прес-конференција проректорот за настава Мишко Џидров. Посочи дека најголемиот интерес за студирање и оваа година е на Факултетот за медицински науки, насока Општа медицина.

Посочи дека од денеска, па до 24 август, студентите и официјално може да ги донесат документите во некои од центрите на УГД во Скопје, Штип, Струмица, Кавадарци и Гевгелија. Тоа може да го сторат во најблискиот центар, без разлика на тоа во кој град ќе студираат.

-Сите кандидати коишто се заинтересирани ќе може да влезат во нашиот систем за пријавување на УГД, да направат профил, да ги внесат своите основни податоци, своите оцени од средното образование и нивниот успех и потоа во текот на овие четири дена може да ни ги достават документите во еден од центрите на Универзитетот „Гоце Делчев“. Конкурсот беше објавен во текот на јули, во истиот период беше отворен и нашиот систем и сите кандидати кои го завршиле првиот дел, ги повикувам во овој период да ги достават документите во еден од нашите центри, вели Џидров.

Тој истакна дека на најдобрите студентите, кои ќе се запишат во прва година, овозможено има ослободување од партиципација, и тоа секој факултет има определена бројка студенти кои ќе ги стипендира. Филолошкиот факултет, пак, се издвојува со тоа што ги стипендира сите студенти на програмата за Македонски јазик и книжевност, Германски и Турски јазик, како и по 20 најдобри студенти на Англиски и Италијански.

-По 20 на Земјоделски факултет, Факултет за природни и технички науки, Економскиот факултет, Правниот факултет, Факултет за туризам и бизнис логистика, по 10 на Електротехнички факултет, Машински факултет, Техничко-технолошки факултет, Факултетот за информатика има ослободување на прворангираните 30 студенти, Факултетот за образовни науки на 10, Музичка академија на 10 и Филмска и Ликовна академија со по пет прворангирани кандидати коишто ќе се пријават во првиот уписен рок, рече Џидров.

Проректорот за настава на УГД-Штип, Џидров додаде дека е активна и Програмата на англиски јазик, а Џидров вели дека е актуелна и за студентите. Очекуваат годинава бројот на студенти на оваа програма да биде поголем.

-Од минатата година видовме дека има интерес за студирање од најразлични земји од Европа, имаше од Германија, Шведска, Америка, коишто се запишаа на студиската програма на Англиски јазик, така што претпоставувам дека во наредниот период ќе се измеша таа процентуална застапеност на турски студенти, вели Џидров.

Тој на прес-конференцијата информираше дека во моментов актуелни се и конкурсите за префрлување од други универзитети, како и за уписи на втор и трет циклус на студии.

За прв циклус вториот уписен рок ќе биде на 6 и 7 септември, а третиот на 18 и 19 септември.