Старата скопска чаршија од утре во 11 часот, па во наредните три дена, ќе биде домаќин на традиционалната градска манифестација „Денови на занаетчиството 2014“, во чии рамки ќе се одржи и Пролетен базар на креативни рачно изработени предмети и презентација на занимања и струки од средното стручно образование.
Тезгите на кои што со свои производи ќе се претстават ракотворците ќе бидат распослани пред просториите на Занаетчиската комора Скопје, во Старата чаршија. Посетителите ќе имаат можност да погледнат како се изработуваат одредени ракотворби, да споделат искуства и да купат рачно изработени предмети.
Целта на манифестацијата „Денови на занаетчиството“ е да го промовира занаетчиството и занаетчиите, односно нивните производи и услуги, да го доближи занаетчиството до младите луѓе, до граѓаните и до институциите, да поттикне континуирана кампања за промоција на занаетчиството како фактор за економски развој, за зачувување на традицијата и културата на нашата земја, како и можност за квалификација и оспособување на идниот занаетчиски кадар и можност за подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните кои се занимаваат со занаетчиска дејност.
Градот Скопје е покровител на оваа манифестација, а организатор е Занаетчиската комора Скопје.