Почнува снимањето на филмот „Три дена во септември“

Првата клапа од филмот „Три дена во септември“ теба да биде снимена денеска на железничката станица во Драчево.

„Три дена во септември“ е дебитантски игран филм на режисерот Даријан Пејовски, кој заедно со Игор Иванов го напиша сценариото.

Продукцијата „Скопје филм студио“ и дел од екипата најавија современ, психолошки трилер, студија на два женски карактера (Камка Тоциновски во улога на Марика и Ирена Ристиќ како Јана), кои преку меѓусебниот однос ги разоткриваат своите тајни и трауми.

Покрај Камка Тоциновски и Ирена Ристиќ, во актерската екипа се и Адем Карага, Салаетин Билал, Милица Стојанова, Кирил Коруновски, Александар Микиќ, Горан Трифуновски, Фатос Кријезиу, Ментор Зимберај и Блерим Черичи.

Директор на фотографија е Димо Попов, сценограф Снежана Поњаниќ-Муча, костимограф Емилија Ивановска-Атанасовска, а музиката е  на Александар Пејовски.

Идејата за филмот е од пред три години, а дејството се случува во само три дена од каде произлегува и насловот.

Буџетот на филмот не е затворен и се очекува да биде над 300.000 евра. Од Агенцијата за филм проектот доби 200.000 евра, максимален износ за поддршка на дебитантски филм, а со 49.000 евра учествува партнерскиот продуцент – „Иконе студио“ од Косово.

Филмот ќе се снима 20 дена на локации на Преспанското Езеро, паркот Јасен и во Скопје.