Почнува судењето за терористичкиот напад во Брисел во 2016-та

Од понеделникот во белгиската престолнина Брисел ќе им се суди на десеттемина осомничени за нивната улога во исламистичките терористички напади во 2016 година, во кои загинаа 32 лица а стотици беа повредени.

Бомбаши самоубијци на 22-ри март 2016 година изведоа напади врз аеродромот и станица на подземната железница, во времето кога Европа веќе беше под тревога поради претходните терористички напади, особени смртоносни во соседна Франција.

Осум од обвинетите се товарат за терористичко убиство, обид за терористички убиство и учество во активности на терористичка организација а деветтиот е обвинет само за последното злосторство, извести службената белгиска новинска агенција Belga.

Ќе му се суди на уште едно лице, но во отсуство. Се претпоставува дека загинало во војната во Сирија.

Најпознатиот обвинет е Салах Абдеслам, кој минатиот јуни веќе беше осуден на доживотен затвор поради вмешаноста во нападите во Париз од 13-ти ноември 2015 година со над 130 жртви, како и на 20 години затвор во одвоено судење поради отворање оган врз полицајци непосредно пред апсењето во 2016 година.

Судењето ќе се одржи во комплексот на поранешното седиште на НАТО, за да има доволно простор за повеќе од 900 тужители и за претставниците на странските медиуми. Почнува во понеделникот со подготвителното рочиште на кое официјално ќе биде потврден списокот на сведоците.

Обвинетите не се должни да се појават на ова рочиште. Продолжувањето на судењето веќе е закажано за 10-то октомври, кога ќе бидат објавени членовите на поротата, пред почетокот на главната расправа на 13-ти октомври.