Почнува третото издание на Скопскиот градски фестивал

На неколку локации во Скопје денеска и утре ќе се одржи третото издание на Скопскиот градски фестивал, кој е поддржан од Министерството за култура и Град Скопје. Фестивалот денеска ќе се одржува во МКЦ, а утре во Филхармонија. Концертите ќе започнат во 20 часот.

– Исто како и минатите две години, и ова трето издание на Скопски градски фестивал донесува возбудливо музичко искуство кое ќе ни го овозможат најдобрите балкански и европски музичари, истакнуваат организаторите на фестивалот.

На првиот ден на фестивалот во МКЦ ќе настапи Мухамед Ибрахими – македонски музичар, гитарист со уникатен стил. Неговата музика е фузија на рок, блуз и амбиент, со корени од балканскиот и ориенталниот фолклор.

„Code 369“ е македонски рок состав од врвни музичари, со долгогодишно искуство. Тие ќе го промовираат материјалот од новиот албум „Стадиуми на љубовта“ (Stages of Love), а ќе настапи и „Texas Flood“ кој балкански и европски R’n’B бенд од Белград, предводен од Ненад Златановиќ (Mr. Swagger), легенда на блуз сцената.

Влезот во МКЦ е слободен.

Утре, во големата сала во Филхармонија ќе настапи Матија Дедиќ – еден од водечките европски пиjанисти, композитор и син на Арсен Дедиќ и Габи Новак. Матија има настапувано со познати музички имиња и има издадено десет албуми.

Настап ќе има и квартетот „Heller / Sasse / Gjakonovski / Kostadinovic“ кој е составен од џез музичари кои за првпат ќе настапат заедно.

Билетите за настапите во Филхармонија чинат 500 денари и може да се набават преку www.bileti.mk.