Во Македонија пристигнаа 60 илјади дози вакцини против сезонски грип, а Министерството за здравство информира дека од оваа недела ќе започне бесплатната вакцинација.
Според информациите од Министерството, граѓаните од ризичните групи кои се пријавиле за вакцинација преку веб страницата Вакцинација, во следните денови преку СМС-порака ќе добијат известување за точниот датум, час и место за вакцинирање.
Со бесплатната вакцинација ќе бидат опфатени следните ризични групи: возрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца од шест месеци до пет години, лица кои се сместени во установи за социјална заштита на стари лица и лицата вработени во установи за социјална заштита на стари лица.
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи. Потсетуваме дека граѓаните кои спаѓаат во ризичните групи може да го искажат својот интерес преку пополнување на апликацијата на следниот линк – додаваат од Министерствот.