Почина Огнен Чемерски, преведувачот на „Моби Дик“

По кратко боледување почина Огнен Чемерски (42), преведувач, лектор и асистент на Κатедрата за англисκи јазиκ при Филолошкиот фаκултет „Блаже Κонесκи“ во Скопје. Едно од делата по кое беше препознатлив е неговата посветена работа врз преводот на „Моби Дик“ од Херман Мелвил. Тој беше син на акадскиот сликар Глигор Чемерски.

Средно образование завршил во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје. Со високо образование се стекнал на Универзитетот „Грејсленд“ во Ајова, САД каде што студиите ги продолжува како добитник на целосна стипендија, откако првите две студиски години ги завршил на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески“ на Катедрата за англиски јазик и книжевност.

Уште пред дипломирањето,  се стекнал со првото преведувачко и наставничко искуство, кога му се објавени препеви од поезијата на Вилијам Батлер Јејтс, а за време на студиите во САД на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Универзитетот „Грејсленд“ работел како тутор по предметот комуникациски студии и семиотика, при што им помагал на студентите, родени и странски говорители на англискиот јазик, да го совладаат материјалот од наставата во областа на комуникациските студии и семиотиката и да си ја унапредат способноста за пишување есеи.

Од 2005 до 2013 година бил ангажиран како надворешен соработник на Катедрата за англиски јазик и книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје.  Од 2013 година работеше на Катедрата за англиски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески“ како асистент по предметите теорија и практика на преведувањето, преведување од македонски на англиски јазик и обратно и симултано толкување.