Соосновачот на „Мајкрософт“, Пол Ален, човекот кој го убеди пријателот од училиштето, Бил Гејтс да го напушти Харвард и да ја основаат најголемата софтверска компанија во светот, почина вчера на возраст од 65 години, соопшти неговото семејство.
Ален почина во Сиетл од компликации предизвикани од не-Хочкинов лимфом.
Иако сите го познаваа како експерт за технологија и филантроп, тој беше сакан брат и вујко, а пред се одличен пријател. Имавме чест да сведочиме за неговиот хумор, топлина, великодушност и голема грижа, изјави сестрата на Ален, Џоди.
На почетокот на октомври, Ален откри на јавноста дека бил лекуван за овој тип на рак, од кој бил третиран и во 2009 година. На почетокот на осумдесеттите години, пред да замине од „Мајкрософт“, тој се разболе од Хочкинов лимфом, друг вид на рак.
Ален го напушти „Мајкрософт“ во 1983 година, пред компанијата да прерасна во огромна корпорација, по расправија со Гејтс. Но благодарение на првичниот удел во партнерството, можеше до крајот на животот да уживаат во милијардите кои меѓу другото ги трошеше на вложувања во уметност, рок музиката, спортските клубови, истражување на мозокот.
И покрај расправијата која резултираше со заминување на Ален од позицијата главен извршен директор на „Мајкрософт“, тој и Гејтс подоцна се помирија, а не беа ретки случувањата на кои тие беа фотографирани на заедничи дружења.
Ален остана во одборот на директори на „Мајкрософт“ до 2000 година, а потоа беше советник на менаџментот на компанијата.
Тој исто така беше сопственик на кошаркарскиот клуб „Портланд“, како и на „Сиетл Сихокс“ од НФЛ лигата и посветен филантроп кој донираше долари повеќе од 1,5 милијарда долари.
Пол Ален е две години постар од Гејтс, со кого се сретнаа во 1968 година на престижното училиште Лејксајд во Сиетл и откриле дека делат страст кон компјутери. Ален го продолжил образованието на Државниот универзитет во Вашингтон, но од студирањето се откажал во 1974 година и се вработил во Бостон. Додека бил таму упорно го наговарал Гејтс, кој студирал во блискиот Харвард, да му се придружи во револуцијата на персоналните компјутери кои тогаш се раѓаа.
Гејтс конечно прифати во 1975 година па заедно го развија основниот софтвер за Алтаир 8800, гломазен десктоп компјутер кој чинеше 400 долари.
Потоа се преселиле во Албукирки во Ново Мексико за да се доближат до прозиводителот Алтаир. Идејата на Ален била компанијата да ја наречат Micro-Soft, комбинирајќи ги термините микропроцесор и софтвер во едно име.
Ален беше одговорен за техничките операции во првите осум години и беше меѓу ретките заслужни за настанувањето на првиот софтвер како MS-DOS и Word кои овозможија револуција на персоналните компјутери и го исфрли „Мајкрософт“ на врвот на индустријата.
Ален никогаш не се оженил и немал деца. Според Форбс, тој починал како 44-тиот најбогат човек на светот чие богатство било проценето на над 20 милијарди долари.