Почина рускиот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин

Рускиот амбасадор во Обединетите Нации, Виталиј Чуркин почина во Њујорк, откако утрово итно бил хоспитализиран поради проблеми со срцето.

Чуркин почина само еден ден пред да наполни 65 години.Амбасадорската должност во ОН ја извршуваше од 2006 година.
Чуркин се наоѓал во руската амбасада во Менхетн, кога му се слошило, по што бил одведен во болница. Бил доведен во бесвесна состојба и направен е обид за реанимација. Сепак дипломатот почина во Пресвитеранската болница во Њујорк, соопшти руското Министерство за надворешни работи.

Во соопштението од руското МНР не се наведуваат повеќе детали за неговата смрт.

Заменикот-амбасадор на Русија во ОН Евгениј Загајнов изјави дека Чуркин работел „се до последниот миг“.