Почина славната актерка Миреј Дарк

© AFP 2017 / Thomas Samson

Славната француска актерка Миреј Дарк (Егроз) починала ноќта кон понеделникот на возраст од 79 години во својот дом во Париз, а покрај неа покрај сопругот во последните моменти бил и нејзиниот поранешен партнер и голем пријател Ален Делон, соопшти менаџерката на актерката Анабел Каруби.

Модел и актерка, особено популарна во шеесеттите и седумдесеттите години од минатиот век, Миреј Дарк ја започна кариерата во 1960 година и оттогаш има снимено педесетина долгометражни филмови, од кои тринаесет со режисерот Жорж Лотнер.

Со Ален Делн се сретнала во 1969 година на снимањето на филмот „Џеф“ кој го определи животот на актерката. Романсата меѓу нив траеше петнаесет години, од кои тринаесет Дарк беше негова асистентка и граѓанска сопруга. Во тој период поголемиот дел од времето го минувале во нивната куќа на село или во Маракеш, далеку од екстравагантните филмски и модни кругови. Актерката не можела да има деца, па многу се грижела за синот на Ален – Антони Делон од бракот со актерката Натали Делон.

Поради срцева мана со којашто е родена во 1980 година беше подвргната на првата операција на срцето, а во 2013 година на втората. Во 1980-те години го имала првиот мозочен удар, а во 1983 година беше и сериозно повредена во сообраќајна несреќа кусо по разидувањето со Делон, со кој постепено се оддалечиле и ја прекинале врската, но меѓу нив започна долгогодишно искрено пријателство. Дарк повторно беше хоспитализирана поради мозочен удар минатата 2016 година.

Миреј Дарк беше позната по улогите на решителни и независни жени, а глумеше и во неколку документарни социјално ангажирани филмови.

„Нѐ напушти голема личност на француската кинематографија. Миреј Дарк беше извонредно талентирана актерка, смела и ангажирана жена“, напиша на Twitter француската министерка за култура Франсоа Нисен.

 

Преку социјалната мрежа се огласи и поранешниот претседател на Филмскиот фестивал во Кан, Жил Жакоб кој напиша „Висока/витка/убава/русокоса/со насмеани очи… беше олицетворение на слободите на жените во целосна смисла на зборот. Олицетворение на францускиот шарм. Драга Миреј!“.