Почина тунискиот претседател ес-Себси

(Slim Abid/Tunisian Presidency via AP)

Тунискиот претседател Бежи Каид ес-Себси, еден од главните актери во преминот на оваа северноафриканска земја по децениското автократско управување по револуцијата од 2011 година, почина на 92-годишна возраст, соопштија во четвртокот туниските власти.

„Во четвртокот утрото на 25-ти јули 2019 година во 10 часот и 25 минути умре претседателот на Републиката Бежи Каид ес-Себси во болница во Тунис. За погребот ќе информираме подоцна“, се наведува во соопштението од неговиот кабинет објавено на Facebook.

Според туниската новинска агенција TAP, ес-Себси бил пренесен во воена болница во средата, откако се пожалил дека не се чувствува добро. Се потсетува дека беше хоспитализиран и кон крајот на јуни и мина една седмица во болница, откако, како што наведе неговиот кабинет, претрпел тешка здравствена криза.

Според уставот на Тунис, претседателот на парламентот привремено ќе ја извршува и должноста на шеф на државата. Ес-Себси беше туниски претседател од 2014 година.

Бежи Каид ес-Себси беше влијателна личност во Туринс откако од власта беше соборен автократскиот претседател Зине ел-Абидин Бен Али во 2011 година, во ткн „Арапска пролет“ со која беа соборени низа авторитарни водачи на Блискиот исток, вклучително и во Либија и Египет, но по којашто следеа досега нерешени немири и бунтови на исламсистичките радикали.

Според телевизијата Al Arabiya, функцијата шеф на државата ќе биде привремено, за период од 45 до 90 дена, а ќе ја извршува парламентарниот челник Мохамед ал-Насер.

Парламентарните избори би требало да се одржат на 6-ти октомври, а претседателските на 17-ти ноември.