Почна реализацијата на проектот за третман на отпадните води во Кочани

отпадни води

Самиот проект опфаќа проширување на канализацискиот систем во Кочани вклучително и изградба на главен колектор, изградба на пречистителна станица за отпадни води,  корпоративен развој на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“, подигнување на јавната свест и зајакнување на секторот за отпадни води односно дијалог за политиките. Сегашната состојба во која отсуствува третманот на отпадната вода со околу 15 испусти во животната средина има големо негативно влијание врз санитарните услови, животната средина и земјоделството.

Со главниот колектор за отпадна вода, чија должина е 12 километри и е од висококвалитетен водонепропустен  материјал, ќе се собира отпадната вода и ќе се транспортира до пречистителната станица.

Станицата е со концепт за намален оперативен и трошок за одржување, со влезна пумпна станица, примарно прочистување, биолошки третман (отстранување на јаглерод, азот и фосфор), стабилизација на милта од отпадната вода и нејзино цедење.

Целиот проект чини околу 20 милиони швајцарски франци, од кои 92 проценти се грант од Владата на Швајцарија, 7 отсто од Владата на Република Македонија,  еден процент од Општина Кочани и од КЈП „Водовод“.

Проектот започна да се реализира во октомври 2015 година, ќе трае 38 месеци, а  периодот за изведба е од крајот на 2016 до крајот на 2018 година. Овој проект е капитален за заштита на водите во целиот регион и претставува инвестиција во идните генерации.