Почна реализацијата на владината мерка: Патување во Барселона за најдобрите студенти

Дваесет и пет студенти од првите три најдобро рангирани универзитети во земјава – скопскиот, штипскиот и универзитетот на Југоисточна Европа, ќе патуваат бесплатно во Барселона, како што и избраа во рамки на владината стимулативно-наградна мерка за студентите кои имаат просек над 9,5.

Оваа мерка беше најавена кон крајот на минатата година, а започнува да се имплементира од оваа пролет. Овие 25 студенти се пријавија на првиот јавен повик кој за оваа намена го објави Министерството за образование и наука. Нивната документација беше уредна, а комисијата формирана специјално за оваа намена оцени дека од вкупно пристигнатите 132 апликации, токму овие 25 ги исполнија сите конкурсни услови.

Патувањето е на 20 овој месец, а се враќаат на 23-ти. Мене ми е исклучително драго што оваа мерка предизвика интерес кај студентите. Тоа се гледа од пристигнатите апликации. Ја воведовме годинава, но ќе продолжиме да ја имплементираме и понатаму. Годинава право да аплицираат имаат студентите од УКИМ, УГД и УЈИЕ. Можеби до година тоа ќе бидат студенти од другите универзитети, зависно од исходот на националното рангирање, кое се спроведува на секои две години од страна на шангајскиот Џиао Тонг Универзитет, изјави Спиро Ристовски, заменик министерот за образование и наука.

Тој во оваа прилика им честиташе на студентите кои аплицираа и ги исполнија  условите и потенцираше дека ова е еден вид дополнително вреднување на нивниот труд кој го вложиле во образованието и постигнувањето на што повисоки резултати, односно оценки. Нивните имиња се наоѓаат на сајтот на министерството.

Трошоците за сместување, храна и авионски превоз ќе бидат во целост покриени, за што веќе тие потпишаа договор со Министерството за образование и наука.