Шеесет и петтата седница Собранието на Република Македонија ја започна речиси во полн состав откако пратеничката група предводена од СДСМ се приклучи во неговата работа. Ова е прва седница на која присуствува пратеничката група. На неа се очекува да бидат избрани уште потпретседател на Собрание и да се пополнат испразнетите места во комисиите.
По изгласувањето на дневниот ред седницата беше прекината половина час на барање на координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски. Тој предупреди дека неговиот колега од СДСМ Горан Сугарески не го почитувал Деловникот бидејќи имаше обраќање, а побара само минути за процедурална забелешка.
– Со пожелување на добредојде на колегите би сакал да предупредам дека почитувањето на Деловникот, на Уставот, на законите ќе бидат примарна обврска и нема да дозволиме, не на СДСМ, ниту на Свети СДСМ да си поигрува со Деловникот. Направивте груба деловнички превид и затоа барам пауза од половина час, изјави Димовски.
Сугарески, пак, го повтори ставот дека влегувањето на пратеничката група на СДСМ во Собранието на Република Македонија е само поради спроведување на договорот од Пржино и создавање услови за фер и демократски избори. Пратеничката група, како што рече Сугарески, најцврсто ќе се држи до спроведувањето на договорот.
– Криминалните избори спроведени во 2014 година опозицијата не ги призна. Собранието изврши насилна верификација на мандатите, а потоа и неконстатирање на поднесените оставки, изјави Сугарески. Според него, политичката криза во Македонија кулминирала со обелоденување на аферата за незаконско прислушкување на голем број граѓани и прекршување на нивното право на приватност од страна на МВР.
За потполно решавање на кризата, како што наведе, потребно е договореното да биде имплементирано во предвидените рокови, Собранието да изгласа специјален јавен обвинител, избор на нови министри од редовите на опозицијата, избор на нова преодна влада, како и измени на изборното законодавство и создавање на услови фер и демократски избори.
Џевад Адеми од ДУИ им посака добредојде на колегите од СДСМ, иако како што рече нивниот координатор не ги поздравил.
– Добредојдовте. Демократијата не е само да гласаш, спремни сме и за дебата и за полемики. Лоша порака испративте. Да не ги верифициравме, како што кажавте, насилно мандатите немаше да бидете денеска тука, му реплицираше Адеми на Сугарески, пренесува МИА.
ДУИ гарантира, како што рече коректна соработка, колегијалност и имлементирање на договорот.
– Знајте ве чека остра политичка битка. ДУИ не ни помислува да прави компромис во своите стратешки, политички, партиски и национални определби. И во оваа платформа ние ќе бидеме остри противници, рече пратеникот на ДУИ.