Под мотото „Дојди, види, испиј“, од 31 август до 4 септември, Скопје пет дена ќе биде центар на сите љубители на јачменовиот напиток. На „Пиволенд“ ќе учествуваат дел од најдобрите македонски пиварници, како и околу 100 вида странски пива, за сите тие што сакаат да дегустираат нешто ново, по промотивна цена.
Посетителите ќе може да пробаат пива од сите страни на светот, од познатите англиски пива, преку белгиските, па сѐ до пивата „трапист“, кои ги произведуваат калуѓери. Ќе има пченични, овошни, матни, темни, црвени пива, едноставно кажано, пиво за сечиј вкус, ветуваат организаторите.
За првпат оваа година ќе учествуваат и микропиварници од Македонија, односно мали пиварници, кои произведуваат свое домашно пиво по светски терк. Посетителите ќе имаат можност да го пробаат пивото од првата македонска микропиварница, кое го има во девет различни вкусови. Бидејќи произведуваат пиво во помали количини, а со тоа се обрнува повеќе внимание на процесот на производство, микропиварниците насекаде низ светот се познати како производители на најквалитетно пиво.
Освен класичните пива, сите тие што ќе дојдат на скопско Кале ќе може да се освежат и со пивски коктели, интересен спој на пиво во комбинација со друг алкохол и со свежи сокови. Овој вид пивска напивка е омилен меѓу странските туристи што го посетуваат „Пиволенд“.
Доброто пиво не оди без добро мезе, па затоа и оваа година во рамки на фестивалот ќе може да се вкусат многу гурмански деликатеси приготвени на скара, како и мезиња и интернационални специјалитети.
Освен пивото, како главен „виновник“ за овој фестивал, за што подобра атмосфера на скопското Кале ќе се погрижат и голем број музичари. Фестивалот в среда ќе го отвори Влатко Илиевски со „Акустик дивижн“, а по него ќе настапат вечно актуелните рокери „Рибља чорба“. Свој концертен настап на „Пиволенд“ ќе имаат и „Нокаут“, Дани Димитровска, Тијана Дапчевиќ, Ефто Пупиновски, Јаков Дренковски, Тамара Тодевска, српската женска група „Министарке“, „Фолтин“, „Тотално опуштање“, италијанската атракција „Трибјут ту колдплеј“, диџеј Славе и многу други.
Покрај главната сцена ќе има уште две на кои ќе биде презентирана алтернативна музика, како и млади музичари што заслужуваат да се промовираат пред македонската публика. Сцената „Бла бла“ ќе ги „вдоми“ сите млади урбани таленти – диџеи, металски и панкерски групи, пејачи, рапери што ќе добијат шанса да бидат чуени од голем број луѓе. Неодминлива е и игротеката за возрасни, која ќе понуди разни забавни пивски игри за сите посетители, меѓу кои, секако, најпопуларна игра е „пиво-понг“ (Beer Pong).
Фестивалот, како и секоја година, е поддржан од градот Скопје и од градоначалникот Коце Трајановски.
Влезот е бесплатен, а фестивалските врати ќе бидат отворени секој ден од 18,00 часот.
Организаторите ги предупредуваат сите тие што сакаат да дегустираат пиво да не возат, туку да користат јавен превоз или, пак, да се искачат пеш до скопско Кале.„ Пиволенд “ и град Скопје се придружуваат кон кампањата – „Не пиј додека возиш“.