Собраниското координативно тело за помирување на утрешната средба во законодавниот дом треба да ја почне работата на предлог законското решение за амнестија. Членовите на координативното тело утре треба да ги дадат контурите на предлог законот со којшто треба да се ослободат од обвиненија дел од инволвираните и обвинети за собраниските настани на 27-ми април лани.
Засега, ниту еден од членовите на телото не сака да навлегува во содржината на предлог решение и кој и за кои дела ќе биде опфатен со амнестија.
Осуммината пратеници од опозицијата кои гласаа за уставните измени најавуваат свој предлог којшто ќе го презентираат на утрешниот состанок на координативното тело но, детали не откриваат. Дел од нив коментираат дека законот треба да ги опфати оние кои, според нив, се под обвиненија поради политички причини и не се согласуваат да се амнестираат оние кои се пред судот поради сомнежи за финансиски криминал.
Пратеничката Емилија Александрова, кој е член во координативното тело, најави дека предлог законското решение треба да биде изготвено до средината на декември. Доколку овој рок биде запазен се очекува дека амнестијата да ги помине собраниски филтри до Нова година.
Од изјавите дадени во изминативе денови може да се очекува дека законот пред се’ ќе значи слобода за петмината пратеници обвинети за 27-ми април, но и за иницијаторите на протестите „За заедничка Македонија“.
Ова можеше да се заклучи и од интервјуто на премиерот Зоран Заев пред една недела.
„Сите што не учествувале во насилството на 27 април- крвавиот четврток, и не биле дел од организаторите внатре, јас немам проблем преку нив да го направиме помирувањето. Тоа може да биде Закон за амнестија, донесување на одлука на Парламентот во рамки на своите надлежности – изјави Заев, на прашањето дали тројцата пратеници инволвирани во насилствата на 27 април би можело да бидат ослободени од одговорност“, изјави Заев минатиот петок во емисијата „360 степени“ на Алсат М.
Инаку, за настаните од 27-ми април се води судски процес против 33 лица обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок.