Почнува полагањето државна матура

Почнува полагањето државна матура
Почнува полагањето државна матура

Во сите средни училишта во Република Македонија денеска ќе почне полагањето државна матура, со тестирање по мајчин јазик (македонски, албански и турски) и литература, кој е задолжителен за сите пријавени кандидати.

За македонски јазик и литература се пријавени 10.730 кандидати, албански јазик и литература 5.424, а 428 ќе полагаат турски јазик и литература.

Како што соопшти Државниот испитен центар, државна матура годинава ќе полагаат вкупно 16.859 ученици, од кои 8.729 од гимназиско образование, 7.866 од средно стручно образование и 264 од средно уметничко образование.

Согласно Концепцијата за матура и за завршен испит во средното образование со четиригодишно траење во Република Македонија учениците екстерно полагаат три предмети.

На 9 јуни ќе се полага испитот по математика за кој се пријавени 2.335 кандидати, а на 13 јуни во сите средни училишта ќе се полага странски јазик.

Како и во изминатите години, и оваа најмногу матуранти (15.353) избрале да полагаат англиски јазик, а за останатите странски јазици бројот на пријавени е многу помал. Француски јазик ќе полагаат 114 кандидати, германски јазик 197, а руски јазик 32 кандидати.

На 15 јуни е закажано полагање по предметите: физика, хемија, биологија, бизнис, историја, филозофија и естетика. Бизнис ќе полагаат 4.426 кандидати, историја 2.775, биологија 3.191, филозофија 4.230, хемија 344, физика 91 и естетика 188.

Сите испити почнуваат во 10 часот. Испитниот материјал се носи во училиштата на денот на испитите и потоа се враќа во Државниот испитен центар.

Во процесот на реализација на матурата во училиштата се ангажирани и 2.314 наставници како тестатори и околу 200 набљудувачи.