Во скопскиот Кривичен суд во понеделник е закажано судење против Љупчо Стојановски, дедо на починатата Тамара од Велес, кој на 1-ви јуни годинава пукаше во поранешниот министер за здравство, Никола Тодоров.
Стојановски се товари за две кривични дела: обид за убиство и недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи.
Судот му определи притвор на Стојановски поради постоење опасност од бегство и опасност од извршување на истото кривично дело.
Инцидентот се случи на 1-ви јуни пред Министерството за здравство. Според изјавата пред иследниците, Стојановски дошол утрината сам во Скопје. Кај себе имал повратен билет за Велес. Кажал дека тој први го чекал Тодоров дома, но поранешниот министерот не се појавил. Потоа дошол пред Министерството за здравство и веднаш кога му се појавил пред очите, почнал да пука кон него. За среќа, Тодоров не беше повреден.
Набргу по инцидентот, мајката на починатото болно девојче од Велес рече дека револтот во семејството е голем, но дека никогаш не помислила дека татко ѝ ќе посегне по животот на ексминистерот Тодоров од кого семејството и јавноста бараа одговорност за смртта на Тамара. Таа почина чекајќи Фондот да ѝ одобри средства за операција во странство.