„Јас не можам да чекам“ е мотото под кое оваа година се одбележува 28 Јули, Светскиот ден на хепатитис, со цел да се нагласи потребата од засилување на борбата против вирусниот хепатитис и важноста од навремено тестирање и лекување. Бидејќи тој е најголем ризик фактор за појава на карцином на црниот дроб. Одбележувањето на овој ден дава гласност на оние кои се погодени од вирусен хепатитис, повикувајќи на итна акција и крај на стигмата и дискриминацијата, истакнуваат од здружението „Хепар Центар Битола“. Оттаму објаснуваат дека болестите на црниот дроб се високо на агендата на здравствените институции во нашата земја, но потребно е повеќе да се посвети внимание на обезбедување на континуитет во лекувањето и воведување на нови терапии и дијагностични процедури.
Статистиката покажува дека речиси 3.000 луѓе умираат од хепатитис Б и Ц секој ден, а на секои 30 секунди еден човек го губи животот. Навременото тестирање и лекување на хепатитис Б, Ц и Д може да спаси живот, а ако хепатитисот не се лекува може да доведе до рак на црниот дроб. Загрижувачки е и податокот дека 90 отсто од луѓето кои живеат со вирусен хепатитис не се свесни дека го имаат, затоа е важно можностите за тестирање на хепатитис да бидат подостапни за повеќе луѓе за да може навремено да се тестираат и лекуваат.
Во наредниот период фокусот на активности треба да се стави на елиминација на хепатитис Ц, имунизација и како и ставање на Позитивната листа на современи лекови за третман на хепатитис Б. Исто така треба да се подобри и да има континуитет во набавката на иновативни лекови и воведување на современа дијагностика кои се веќе одобрени во земјите на Европа и САД, соопштуваат од „Хепар Центар Битола“.