Под слоганот „Приказна се чита“ денеска започнува Саемот на книга

Под слоганот „Приказна се чита“, денеска почнува годинашното издание на Саемот на книга, кое ќе трае од 18 до 24 април во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

Организаторите најавуваат дека речиси сите издавачки куќи и писатели од Македонија ќе ги претстават своите дела пред посетителите. Исто така, Саемот ќе биде надополнет со повеќе издавачи од регионот – Србија, Турција, Албанија, Косово и други.

Љубителите на пишаниот збор ќе имаат можност за средби со автори, да ја обноват својата домашна библиотека со наслови на попуст, а ќе биде претставена и богата програма за деца и за млади.

Слоганот „Приказна се чита“ прави поврзаност помеѓу опцијата за објавување „стори“ (на англиски „story“, што во превод значи приказна) на социјалните мрежи со приказните кои ги бараме во литературата и кои се раскажани во нашите омилени книги. На тој начин, Саемот се обидува да испише една нова страница во постоењето, приближувајќи се до новата генерација и новиот стил на живот преку јазик и жаргон препознатлив за модерното време – се вели во најавата за годинашното издание.

Саемот на книга ќе биде отворен секој ден, од 10.00 до 22.00 часот. Билети можат да се најдат на влезот на Саемот, како и онлајн преку www.karti.com.mk.