Цените на нафтата пораснаа до 86 долари на меѓународните пазари во четвртокот, бидејќи знаците за намалена побарувачка на работна сила во САД ги поттикнаа шпекулациите дека централната банка, сепак, може да ги намали каматните стапки до крајот на годината за да ја поттикне економската активност и побарувачката на енергенси.
На лондонскиот пазар цената на барелот за испорака во август беше за 78 центи повисока отколку на затворањето на тргувањето вчера и изнесуваше 85,89 долари. На американскиот пазар барелот за испорака во јули се тргуваше по цена за 70 центи повисока отколку на затворањето на тргувањето во вторник, по 82,27 долари. Во средата американските пазари беа затворени поради празник.
Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC) одделно објави дека во средата барелoт од референтната нафтена кошница на нејзините членки поскапе за 1,04 долари на 85,54 долари.
Трговците се фокусираа на податоците за бенефициите за невработеноста на американското Министерство за труд во четвртокот. Иако помалку Американци побараа надоместоци минатата седмица, вкупниот број се зголеми една седмица порано на највисоко ниво од јануари, што сигнализира намалена побарувачка за работна сила.
Побарувачката на работници слабее паралелно со забавувањето на економската активност, бидејќи централната банка ги одржува високите трошоци за задолжување за да ја спречи инфлацијата преку ограничување на трошењето. Цените сега растат со многу побавно темпо, па аналитичарите проценуваат дека Fed, сепак, би можел да ги намали каматните стапки до крајот на годината.
Пониските трошоци за задолжување би можеле да бидат замаец за економската активност, што би значело и поголема побарувачка за енергетски производи.
Цените на нафтата се поддржани и од геополитичките тензии. Во првата половина од седмицата трговците беа загрижени за пожарот на нафтените терминали во руското пристаниште Азов по нападот со украински беспилотни летала. Терминалите испраќаат 200.000 барели нафта и нафтени продукти дневно.
Позначителниот раст на цените беше запрен денеска со проценките дека официјалните податоци ќе покажат пад на залихите на нафта во САД во изминатата седмица. Министерството за енергетика ќе ги објави подоцна во текот на денот, со 24-часовно задоцнување поради државниот празник. Извештајот на здружението на производители на API покажа дека залихите на сурова нафта пораснале за 2,26 милиони барели, велат изворите. Залихите на бензин се намалени за милион барели.
Сезонскиот раст на побарувачката за нафта, зголеменото рафинирање и опасните временски услови се надополнети со намалената понуда од OPEC и неговите сојузници преводени од Русија, така што залихите треба да почнат да се намалуваат во текот на летото, пишуваат аналитичарите на „J.P. Morgan“.