На Волстрит во вторникот најважните индекси го завршија тргувањето во благ плус, благодарение на послабите од очекуваните податоци од пазарот на трудот во најголемата светска економија, кои ги зајакнаа очекувањата на инвеститорите дека американската централна банка ќе ги намали каматните стапки.
Во вторникот, њујоршкиот Dow Jones индекст зајакна за 140,26 поени, или 0,36 отсто, на 38.711 поени, додека индексот S&P 500 порасна за 0,15 отсто, на 5.291 поен, а Nasdaq за 0,17 отсто, на 16.857 поени.
Вчерашниот ден им го донесе на инвеститорите првиот увид во состојбата на пазарот на трудот во САД, со објавувањето на податокот за отворање работни места и флуктуации на работната сила, попознат како JOLTS, кој покажа дека во април имало 8,06 милиони слободни работни места, што е најниска бројка во повеќе од три години, и речиси 400.000 пониски отколку што предвидуваа економистите.
Овој податок им сигнализира на учесниците на пазарот попуштање на побарувачката на пазарот на трудот, што ги поддржува очекувањата дека Федералните резерви (Federal Reserva – Fed) може да почнат да ги намалуваат каматните стапки оваа година, а тоа го поддржа растот на цените на акциите, откако на почетокот до седмицата беше објавено дека индустриската активност, исто така, ослабела втор месец со ред.
Следниот голем сет на статистички податоци за вработеноста пристигнува во средата со објавувањето на податоците од агенцијата за вработување ADP, за кои економистите очекуваат дека ќе покажат оти приватните работодавци отвориле 175.000 работни места во мај, додека извештајот за вработувањето на американското Министерство за трговија, исто така, се очекува во петок.
„Претстојните објавувања на податоци од пазарот на трудот се јасно во фокусот на пазарот, бидејќи сиве овие се важни податоци од гледна точка на монетарната политика“, вели Бил Нортеј, директор за инвестиции во „U.S Bank Wealth Management“.
На европските берзи во вторникот најважните индекси паднаа во минус, бидејќи згасна позитивниот моментум што го одбележа тргувањето во изминатите неколку трговски дена. Паневропскиот индекс STOXX 600 падна за 0,5 отсто, додека франкфуртски DAX загуби 1,09 отсто на 18.405 поени, лондонски Ftse 0,37 отсто на 8.232 поени, а францускиот CAC 0,75 отсто на 7.937 поени.