Податоците за 57 милиони корисници на Uber хакирани во 2016-та

Еден од челниците на „Uber“ откри во вторникот дека податоците на 57 милиони корисници во светот, меѓу кои и на 600.000 возачи на компанијата, биле хакирани кон крајот на минатата 2016 година, тврдејќи дека дури „неодамна“ дознал за тоа.

Имињата на корисниците и нивните електронски адреси и броеви на мобилните телефони се украдени, изјавил Дара Косровшахи во соопштение. Имињата и броевите на возачките дозволи на возачите на „Uber“, исто така, биле хакирани.

Врз основа на надворешни експертизи, сопственикот на компанијата VTC изјавил дека не биле хакирани рутите на превозот, броевите на платежните картички и банкарските сметки, личните идентификациски броеви и датумите на раѓање на корисниците.

Косровшахи, кој е именуван на чело на „Uber“ кон крајот на август годинава, истакнува дека дури „неодамна“ е известен за овој инцидент. „Ништо од тоа не смеело да се случи и не наоѓам никакво оправдување“, додава во писмената изјава.

Две лица кои не се вработени во компанијата биле одговорни за ова компјутерско пиратство, додава Косровшахи. Продреле во „облакот“ кој компанијата го користи за споменатите информации.

Двајца припадници на службите задолжени за безбедноста во „Uber“, задолжени за решението на проблемот, а кои не ги предупредиле корисниците дека податоците им се хакирани, повеќе не се дел од компанијата, тврди нејзиниот директор. „Инцидентот не ги загрозил системите на компанијата, ниту нејзината инфраструктура“, истакнува Косровшахи.

Од „Uber“ наводно им исплатиле 100.000 американски долари на хакерите за да не проговорат за инцидентот, како и за да ги уништат собраните податоци, рекол извор запознаен со случајот, пренесува AFP.

„Во моментот на инцидентот веднаш сме преземале мерки за осигурување на податоците и прекин на недозволениот пристап на поединци. Сме ги идентификувале тие лица и сме добиле гаранции дека собраните податоци ќе бидат уништени. Исто така, сме вовеле безбедносни мерки за ограничен пристап и засилени контроли на сметките од нашата база со податоци“, појаснил Косровшахи.