Податоците за имотната состојба на актуелни избрани и именувани лица достапни на страницата на ДКСК

Од денеска податоците од изјавите за имотна состојба и интереси, поднесени преку новиот електронски систем, што е ставен во функција на 01.01.2024 година, освен податоците заштитени со закон, се јавно достапни на веб страницата на ДКСК.

ДКСК во денешното соопштение укажува дека лицата кои согласно член 82 и член 85 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси („Службен весник на Република Македонија“ број 12/2019) имаат обврска да доставуваат изјава за имотна состојба и интереси и промена на имотната состојба и интересите, изјавата задолжително треба да ја доставуваат преку електронскиот систем со најава на соодветниот линк, а печатена копија од изјавата да достават до писарницата на ДКСК.

– ДКСК, исто така, повторно ги повикува сите актуелни избрани и именувани лица, кои имале обврска да поднесат анкетни листови и изјави на интереси, согласно со Законот за спречување на корупцијата („Службен весник на Република Македонија“ број 28/2002, 46/2004, 126/2006, 10/2008, 161/2008, 145/10, 97/15 и 148/15) и Законот за спречување на судир на интереси („Службен весник на Република Македонија” број 70/2007, 114/2009, 6/12 и 153/15) да достават изјави за имотна состојба и интереси на новиот образец, доколку сеуште не го направиле тоа. Ова е неопходно од причина што без поднесувањето на изјава за имотна состојба и интереси преку новиот електронски систем не може да пријавуваат промени во имотната состојба и интересите, како и да поднесат изјава за имотна состојба и интереси по престанок на функцијата, се наведува во соопштението од ДКСК.