Застанувањето на кој било од поранешните претседатели на СДСМ зад некој од сегашните претседателски кандидати може дополнително да ја подели партијата, порача пратеничката и кандидатка за лидер на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Славјанка Петровска, во синоќешното интервју за телевизија Канал 5.
Петровска ова го кажа прашана дали како што застана зад Димитар Ковачевски на внатрепартиските избори во 2021 година, поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, сега истото би го сторил во поглед на Венко Филипче и дали таквата евентуална поддршка ќе му даде на Филипче извесна предност пред останатите кандидати.
-Застанувањето на кој било од поранешните претседатели зад кој било од сегашните кандидати, мислам само дека дополнително може да ја подели партијата и мислам дека може дополнително да го отежни процесот на легитимен избор на претседател. Јас ги почитувам сите поранешни претседатели на СДСМ затоа што оставиле свој белег и во партијата и во државата, меѓутоа мене ми треба поддршката на членството, рече Петровска.
Прашана дали би прифатила да биде заменик-претседателка на СДСМ доколку не ги освои потребните гласови за лидерската позиција во партијата, Петровска вели оти нема да бара никаква партиска функција.
-Нема да прифатам позиција доколку не победам на изборите, се разбира дека ќе останам лојален член на СДСМ и ќе бидам пратеник во Собранието. Ќе бидам лојална на политиките, но пред сè на принципите за кои се залагам во оваа кампања, рече кандидатката за лидер на СДСМ.
На денот кога ја поднесе кандидатурата за лидер на СДСМ, Венко Филипче, меѓу другото, изјави дека добрите релации во кои е со поранешниот прв човек на партијата Зоран Заев и со други поранешни партиски лидери и функционери ќе бидат еден од главните предуслови за брзо обединување во СДСМ.