Вредноста на минимална потрошувачка кошничка за четиричлено семејство за април годинава изнесува 38.104 денари или 620 евра и е зголемена за 1.337 денари, односно за 3,63 проценти во однос на март, покажуваат податоците на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Најмногу пари или 16.458 денари (43,19 проценти) во април биле потребни за храна и пијалаци, по што следат трошоците за домување 11.627 денари (30,52 проценти), па за хигиена 2.672,88 денари или 6,90 отсто.
Според пресметките на ССМ, за превоз на едно четиричлено семејство потребни му биле 3.367,06 денари или 8,84 проценти од вкупната кошничка, за облека и обувки 2.176,03 денари или 5,71 отсто, за култура 1 067,86 денари или 2,80, додека за одржување на здравје, претходниот месец им биле потребни 778,47 денари или 2,04 проценти.
„Од месец во месец, драстично се зголемуваат трошоците за живот на едно четиричлено домаќинство, а платите не го следат истиот раст и покрај зголемувањето на минималната плата во март. Од претходниот месец март 2022 година кога кошничката изнесуваше 36.767 денари, во април е зголемена за 1.337 денари односно за 3,63 проценти. А, од јануари 2022, кога изнесуваше 35.811 денари, во април е зголемена за 2.293 денари, односно 6.40 отсто“, велат од ССМ.
Според ССМ, во април 2021 година, кошничката изнесувала 33.976 денари, и таа е зголемена за дури 4.128 денари, односно 12,14 проценти. Најголемо зголемување е забележано во исхраната и пијалаци и кај превозот.
– ССМ со право бара зголемување на платите на сите вработени како во јавниот така и во приватниот сектор и покрај евидентните противења на одредени субјекти кои се против зголемување на платите на работниците. На протестот на 1 мај, 7.500 работници на улица заедно со ССМ јасно упатија пораката дека зголемените плати им се потребни веднаш, посочија од ССМ.
Тие очекуваат дека зголемувањето на трошоците за живот ќе бидат будење за сите работодавци, локалната и централната власт, кои веднаш треба да пристапат кон зголемување на платите, согласно порастот на минималната плата, и да ги покачат за најмалку 2.806 денари одделно.