Министрите или државните секретари одговорни за европски прашања на земјите членки на ЕУ денеска ќе учествуваат на заседанието на Советот за општи работи на Унијата (ГАК), со кое ќе претседава белгиската министерка за надворешни и европски работи и надворешна трговија Хаџа Лабиб.
Како одговорно тело за координирање на подготовката на состаноците на Европскиот совет, ГАК на денешниот состанок ќе расправа за организацијата на следниот Самит на ЕУ закажан за 21 и 22 март.
Според нацрт-дневниот ред за ова заседание на Советот на ЕУ, шефовите на држави или влади на земјите членки на Унијата ќе расправаат за руската агресија врз Украина и за континуираната поддршка на блокот за земјата и за украинскиот народ, за состојбата на Блискиот Исток, приоритетите на ЕУ за 2024 година, економската политика на Еврозоната и за подготовките за новата стратешка агенда.
Европскиот совет ќе расправа и за прашањата поврзани со безбедноста и одбраната, вклучително и потребата за зголемување на севкупна одбранбена подготвеност на ЕУ и дополнително зајакнување на нејзината одбранбена технолошка и индустриска база, со цел да се договорат понатамошни чекори со кои европската одбранбена индустрија ќе стане поотпорна, поиновативна и поконкурентна.
Дополнително, европските министри и државни секретари на денешното заседание на ГАК ќе расправаат и за постапката поврзана со член 7 став 1 од Договорот за функционирање на ЕУ во однос на почитување на принципите на владеење на правото во Полска.