Подготвителни натпревари за ЕУРО: Италија и Турција без голови, Португалија ја совлада Финска

Фудбалерите на Италија, актуелниот европски првак, ја пречекаа Турција во Болоња, а овој пријателски натпревар заврши без голови. За двете репрезентации тоа беше првиот тест пред Европското првенство на кое настапуваат двете селекции, а Италијанците ја бранат титулата. Иако беше пријателски натпревар, двете екипи одиграа многу претпазливо и ретки беа реалните можности.

Играта беше изедначена од почетокот до крајот, со еднаков број шанси на двете страни. Во првото полувреме најдобрата шанса за гостите ја имаше Каан Ајхан, а генерално најмногу проблеми имаше Италија по прекините кои за турката селекција многу опасно ги изведуваше Чалханоглу. Потоа Ајхан по корнер шутираше веднаш над гредата. За Италија, Кристанте ги имаше најдобрите шанси во судиското надополнување на првото полувреме кога ја погоди рамката од голот, додека Распадори имаше опасен удар во самата завршница, но голманот на Турција беше подготвен.

Репрезентацијата на Португалија, пак, ја совлада Финска во Лисабон на стадионот „Хозе Алваладе“ со 4:2. Во првото полувреме Португалија доминираше и дојде до два гола предност откако Рубен Диас во 17. минута погоди за 1:0, додека Диого Жота реализираше пенал за 2:0 во судиското надополнување на првиот дел. Во 55. минута беше 3:0 за Португалеците, по голот на Бруно Фернандеш. Финска се закани по двата брзи гола, а двоен стрелец беше Теему Пукки во 72. и 77. минута. Но изостана целосното враќање на Финците, бидејќи Бруно Фернандеш го постигна својот втор гол на мечот во 84. минута за конечните 4:2.

Во Виена, Австрија ја победи Србија со 2:1 во меч во кој сите голови беа постигнати во првото полувреме. Австрија поведе со 2:0 по головите на Вимер во 10 и Баумгартнер во 13 минута. На другата страна единствен стрелец беше Павловиќ во 35. минута.

На Европското првенство Австрија ќе игра во групата Д во која се уште Франција, Холандија и Полска, додека Србија е во групата Ц со Англија, Данска и Словенија.

Швајцарија во Луцерн ја победи Естонија со убедливи 4:0. Во првото полувреме во гостинската мрежа погоди само Зубер во 20. минута, додека во вториот дел Амдуни во 47., Елведи во 63. и Шаќири кој од пенал ги постави конечните 4:0 во 70. минута.

На Европското првенство, Швајцарија е во групата А со домаќинот Германија, Унгарија и Шкотска.

Во вторникот Унгарија гостуваше во Даблин каде беше поразена од Ирска со 1:2. Домашните поведоа со голот на Ајдахо во 36. минута, додека Ланг израмни само четири минути подоцна. На крајот домашните навивачи се радуваа во 92. минута кога Парот погоди за конечна победа на Ирска од 2:1.

Во Букурешт, Романија и Бугарија одиграа дуел без голови, а Романците ќе играат во групата Е на ЕУРО, каде се пласирани уште Белгија, Украина и Словачка.