Бугарската полиција уапсила 22 лице осомничени дека фалсификувале домументи со кои Македонци, Украинци и Молдавци ваделе бугарски пасоши, информираат тамошните медиуми. Меѓу уапсените се претседателот на Државната агенција за Бугари во странство, Петар Харалампиев како и генералниот секретар, Красимир Томов.
Информацијата ја потврдија заменикот на главниот обвинител, Иван Гешев и заменик-претседателот на Антикорупциската комисија Антон Славчев.
Денеска беше поднесено обвинение за некои од уапсените во вчерашната полициска акција во Државната агенција за Бугари во странство. Во акцијата полицијата одзела пет компјутери со официјални информации, како и документи.
Според обвинителството, истрагата започнала по обвинувањата дека се издавале документи со кои се докажува бугарско потекло за 5.000 евра, а такви фалсификувани документи им биле издавани на луѓе од Македонија, Украина и од Молдавија. Со тие документи потоа можеле да извадат бугарски пасош. Неделно биле издавани околу 40 сертификати.
Директорот на агенцијата го именува Владата, а како се тврди, Харалампиев е близок на националистичката парија ВМРО, малцински коалициски партнер во владата на конзервативниот премиер, Борисс Борисов.
Од ВМРО негираа дека Харалампиев е нивни член.
Катја Матева, поранешен претседател на Одделот за државјанство на Министерството за правда на Бугарија во март годинава изјави дека отфрлила околу 60 барања за државјанство откако Интерпол ги предупредил дека против апликантите имало распишано потерници.
Портпаролот на Европската комисија, Кристијан Виганд рече дека нема да коментира за тековната истрага, но потсети дека комисијата подготвува извештај за државните измами во многу земји-членки кога станува збор за доделување на државјанство за инвеститорите, однсоно т.н. “златни пасоши”.