Подмладената Македонија ја оствари првата победа на ракометниот мундијал

Убедлива победа на Македонија на ракометното Светско првенство, и тоа во својот четврти настап во рамките на ткн Президент купот во четвртокот против Алжир со 40:25 (19:11).

Ова беше првиот меч во разигрувањето за пласман од 25 до 32 место на првенството, меч кој се одигра во „Орлен Арената“ во Плоцк.

Сосема добро издание на македонските ракометари, кои на моменти дури и си поигруваа со Алжирците. Во добрата игра во двата правца  Пешевски беше одличен, но и сите други кои добија шанса на овој меч од страна на селекторот на Кире Лазаров.

Македонија уште на почетокот од средбата поведе и тоа водство го држеше до крај. Брзо се “одлепивме“ на плус 4 во 10 минута и до одењето на пауза само го зголемувавме водството кое на крај, по таа 30 минута, изнесуваше 19:11.

Во второто полувреме продолживме со ист ритам, Манасков, повторно Пешевски, како и останатите го полнеа голот на противникот за плус 10 во 41 минута.

Беше забележлива желбата кај младите македонски ракометари да го поправат впечатокот од претходните три меча, да одиграат добро и квалитетно. Селектрот Лазаров има даде шанса на неколкумина останати кои досега имаа мала минутажа.

Алжир се обидуваше колку толку да го намали минусот, но тоа не одеше од рака. Во последните минути на терен претежно беа помладите, кои во секој случај со играта и залагањето ја оправдаа довербата од селекторот Лазаров.

Пешевски беше одличен со седум голови, Манасков забележа еден помалку. Потоа Ѓорѓиев, Костески, Савревски и Стојковиќ погодија по четири пати.