Бугарскиот премиер Николај Денков поднесе оставка, отворајќи го патот на коалициониот партнер, централно-десничарската партија ГЕРБ. Таа треба да ја води владата, според договорот постигнат по минатогодишните избори.
ГЕРБ и прозападниот блок во кој припаѓа Денков, минатата година потпишаа договор според кој министерката за надворешни работи и поранешна еврокомесарка Марија Габриел ќе ја преземе премиерската функција откако Денков ќе го заврши својот деветмесечен мандат.
Бугарската агенција БТА јави дека оставката на Денков ќе биде проследена до парламентот, при што не беше кажано кога Габриел ќе положи заклетва.
ГЕРБ инсистира Габриел да ја задржи и функцијата министер за надворешни работи покрај премиерската и предлага ротација на секои 15 наместо девет месеци. Преговорите се уште се во тек за двете прашања. Се очекува двете страни до петок да објават дали постигнале договор.