Единицата за сериозен криминал и кривични дела против културно наследство при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал денеска (27.03.2023) до Основно јавно обвинителство Битола поднесе кривична пријава против Г.А.(43) од Ресен за сторени кривични дела „присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ (чл.265), „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ (чл.264 ст.2) и „прикривање“ (чл.261 ст.3 в.в со ст.1 и 2) и против С.М.(35) од Ресен со престој во Скопје за сторено кривично дело „прикривање“ (чл.261 ст.3 в.в со ст.1 и 2) од Кривичниот законик.
Во периодот од август до декември 2022 година, Г.А. искористувајќи го намалувањето на водостојот на Преспанското Езеро, на археолошко наоѓалиште на плажа во с.Долно Перово, во повеќе наврати со рачен алат и метал-детектори на нелегален начин и без дозвола од надлежен орган вршел ископување на археолошки предмети и монети, за кои бил свесен дека е можно да претставуваат културно наследство. Потоа, археолошките предмети ги пренесувал во својот дом и дополнително вршел нестручни конзерваторско-реставраторски процеси врз нелегално пронајдените и присвоените археолошки предмети и монети, а со цел истите да ги понуди на потенцијални купувачи, користејќи ја социјалната мрежа Фејсбук.
Во август 2022 година, С.М. во с.Долно Перово, остварил средба со Г.А., во чиј двор ги видел археолошките предмети, и иако бил свесен дека постои можност предметите да претставуваат културно наследство, одбрал два предмети и ги однел во својот дом.
Врз основа на издадена наредба од Судија на претходна постапка при Основен суд Битола, на 01.12.2022 година извршен е претрес на дом и други простории кај Г.А., при што привремено се одземени бројни предмети во различни форми и големини, монети и други предмети поврзани со кривичното дело. При извршен службен разговор со него, тој ги појаснил околностите под кои дошол во сопственост на археолошките предмети и монети и посочил дека дел од нелегално пронајдените и присвоените предмети ги дал на С.М..
Истиот ден, во Полициска станица Центар Скопје бил повикан С.М., кој ги донел двата предмети и во извршен разговор го појаснил начинот на кој се стекнал со нив.
Од страна на ОЈО Битола е издадена наредба за вршење на вештачење и стручна идентификација на одземените археолошки предмети, при што истата е доставена во НУ Археолошки музеј на Република Северна Македонија и од нивна страна е изготвен Извештај од стручно мислење дека предметите: три керамички садови, шест прстени, мамуза, камен точило, шест стрели, 10 ножеви, два крстови, 46 нитни, 34 брутови, 21 алка, две копчиња, 11 токи за појас, три токи за чевли и 111 различни метални предмети претставуваат културно наследство, а од страна на вешто лице е извршена стручна идентификација на нумизматичкиот материјал, при што е констатирано дека седум монети претставуваат културно наследство.