
Крајниот рок за поднесување барање за легализација на чамци истекува на 3-ти септември оваа година. Досега се поднесени 137 барања, од кои 95 се веќе прегледени и процесуирани и за нив се очекува да се издадат решенија, ова го соопшти министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, на денешната средба со одговорните во Капетанијата на пристаништа во Охрид, пишува порталот ОhridNews.
„Очекуваме околу 200 барања да бидат поднесени до 3-ти септември и не планираме да го пролонгираме рокот, бидејќи се работи за многу едноставна процедура која не е скапа. Ги повикувам сите оние кои тоа досега не го сториле, да поднесат барање до Судот за легализација на чамците.“ – рече Јанакиески
На средбата во Капетанијата на пристаништа, станало збор и за ефектите од воведувањето на чартер бродската линија Охрид – Поградец.
„Од Капетанијата ме информираа дека досега од Охрид кон Поградец се направени осум тури со кои што се превезени 630 патници. Денеска има уште една тура, 9-та, така да можам да кажам дека бродската линија помеѓу двата града се одвива нормално.“ – изјави Јанакиески.
Горан Устијаноски, раководител на Капетанијата на пристаништата во Охрид, рече дека состојбата со водниот сообраќај во езерото е на задоволително ниво, а инспекторските служби посветуваат внимание на секој пловен објект.
„Состојбата оваа година е на задоволително ниво. Внимание се посветува советодавно и сугестивно на секој еден управувач на чамец или брод. Засега немаме поголеми проблеми при спроведување на тие инспекциски контроли, а оние прекршоци кои досега ги имаме изречено се во рамките на очекуваното.“ – изјави Устијаноски.
Инаку, министерот Јанакиески денеска ќе го посети селото Лескоец, каде во тек е изградба на канализациона мрежа.