Поднесени 220 барања за субвенции за купување велосипед

Во текот на вчерашниот ден и денеска на шалтерите на Град Скопје се поднесени   220 барања за субвенција за купување велосипед, што говори за голем интерес на граѓаните за добивање  средства за надоместок на дел  од трошоците.

Град Скопје, со цел да ги стимулира граѓаните за користење  велосипеди, ќе им обезбеди поврат на дел од потрошените средства, за набавка на велосипед од 13.05.2017 година, со објавувањето на јавен повик во дневните весници и на градската веб страница, се до исцрпување на буџетот наменет за таа намена, но не подоцна од 31.12.2017 година.

Јавниот повик ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“.

Средствата што ќе ги надоместува Град Скопје се во износ од 50% од цената на велосипедот, но не повеќе од 4.000 денари, нето износ, по лице.

За времетраењето на повикот, најмалку двапати ќе има повторно известување на јавноста преку електронските медиуми.

Начин на пријавување на јавниот повик

Право на учество на овој јавен повик имаат жителите на Град Скопје (општините во градот: Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел, Сарај), кои ќе купат велосипед од денот на објавување на Јавниот повик се до исцрпување на буџетот наменет за таа намена, но не подоцна од 31.12.2017 година.

За надоместување на дел од трошоците и докажување дека условите за учество се исполнети, барателот до Град Скопје ги доставува следните документи:

  • Барање за надоместок (Барањето може да се подигне во архивата на Град Скопје или да се обезбеди од интернет страницата на Град Скопје: skopje.gov.mk),
  • Доказ за жителство во град Скопје, со доставување копија на важечка лична карта на барателот,
  • Копија од трансакциска сметка на барателот,
  • Доказ дека е извршено купување на нов велосипед и тоа со копија од фискална сметка или фактура и извод од деловна банка со дата од денот на објавување на повикот.

Едно лице може да поднесе само едно барање за добивање на надоместок за еден велосипед.

Барањето за искористување на правото за надоместок на дел од трошоците за купување велосипед, заедно со потребната документација, треба да се достави до Град Скопје бул.Илинден бр.82, во архивата на Град Скопје, секој работен ден од 09:30 до 15:00 часот.

Начин на спроведување на јавниот повик

Градоначалникот формира комисија за спроведување на јавниот повик, со решение.

Комисијата има за задача:

–  Да ги провери пристигнатите барања и документација,

– Да даде предлог до градоначалникот на Град Скопје за усвојување или неусвојување на барањето.

Исплатата на средствата ќе се врши сукцесивно, според редот на пристигнати пријави, се до исполнување на предвидениот буџет за оваа намена, кој изнесува 10.000.000 денари, но не подоцна од 31.12.2017 година.

За пристигнатите и обработени барања ќе се води листа со следниве податоци:

– име и презиме, адреса, контакт телефон,

– датум и час на пристигнатата пријава на јавниот повик,

– број на фискална сметка или фактура,

– износ на надоместокот за барателот и износ на персоналниот данок на добивката.

Град Скопје, во зависност од динамиката на пристигнување на пријавите, периодично ќе ја известува јавноста за преостанатите средства, се до нивно целосно искористување, но не подоцна од 31.12.2017 година. Доколку бидат исцрпени сите предвидени финансиски средства, Град Скопје ќе го објави завршувањето на јавниот повик на својата веб страна. Финансиските средства ќе се сметаат за исцрпени, односно доделени кога на предлог на Комисијата, градоначалникот ќе донесе решенија за исплата на средствата.

Начин на остварување на правото на надоместок

Градоначалникот на Град Скопје на предлог на Комисијата ќе донесе решение за усвојување на барањето и исплата на средства во износ од 50 %, но не повеќе од 4.000 денари, нето износ, по лице, за барателите кои ги исполниле критериумите согласно  со јавниот повик.

Градоначалникот на Град Скопје на предлог на Комисијата ќе донесе Решение за одбивање на барањето доколку барателот нема уредна и комплетна документација, односно не ги исполнува критериумите дефинирани согласно  со јавниот повик.