По спроведена сеопфатна истражна постапка надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција денеска до Основниот кривичен суд – Скопје достави Обвинителен акт против пет физички лица и едно правно лице.
Наводите што ги дава Јавното обвинителство ова се обвиненија за „Рекет 2“ во кој првоосомничен е Борјан Јовановски и неговата невалдина организација Меѓународен сојуз. Според Јавното обвинителство, во овој случај се замешани пет лица и еден правен субјект за измама, перење пари и неовластено држење на оружје.
Од Јавното обвинителство истакнуваат дека се обвинети за кривичното дело „измама“, односно првоосомничениот, а три лица се обвинети за помагање во извршувањето на истото кривично дело, воедно за кривичното дело „измама“ е обвинето и правното лице. Првообвинетиот се товари и за кривично дело „перење пари и други приноси“, при што три лица се обвинети дека му помогнале во извршувањето на ова кривично дело. Едно лице, освен за помагање при перење пари и други приноси од казниво дело е обвинето и за кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.
– Во периодот од 08.07.2017 година до 13.04.2018 година првообвинетиот како претседател на обвинетата невладина организација, со намера за себе да прибави противправна имотна корист ги искористил документите од правното лице и две оштетени лица – управители на друштва ги довел и одржувал во заблуда. Тој лажно прикажувал дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис, како и субвенции од страна на државата и оштетените вака доведени во заблуда на штета на својот имот му исплатиле преку Македонска авторска агенција износи кои надминуваат значителна вредност и тоа 719.905 евра, односно 233.821 евра во денарска противвредност. Тројца обвинети со умисла му помогнале на првообвинетиот во измамата. Две обвинети лица му ставиле средства на располагање – ги изготвувале договорите, ги подигале уплатените пари и му ги давале на рака на првообвинетиот и со умисла му помагале да ги пушти во оптек иако знаеле дека потекнуваат од кривично дело Измама и Примање награда за противзаконито посредување. Второобвинетата откако првообвинетиот ќе и дадел готовински средства, иако немала никакво легално покритие, ги уплаќала во вид на донација или по основ на позајмица на правните лица поврзани со првообвинетиот. Третообвинетата со својот углед и авторитет го поддржувала првообвинетиот на средбите со оштетените, давајќи му совети и упатства за да оштетените стекнат доверба во наводниот проект и однапред да уплатат одреден износ пари и да ги потпишат договорите, се наведува во соопшението.
Петтообвинетиот, како што велат од Јавното обвинителство, иако знаел дека парите потекнуваат од кривично дело Измама и Примање награда за противаконито посредување, со умисла му помогнал на првообвинетиот да ги пушти во оптек, па откако првообвинетиот ќе му дадел готовински средства, тој ги уплаќал на својата девизна сметка, дел пренесувал на сметките на правните лица по основ на поврат на позајмица, дел ги подигал во готовина и ги уплаќал на правните лица по основ на позајмица, а за сето тоа нема легално покритие. Воедно, петтообвинетиот во својот дом неовластено држел огнено оружје три полуавтоматски пиштоли и муниција.
Надлежниот обвинител ценејќи дека сè уште постојат условите за определување на мерката куќен притвор за второобвинетото лице, до Основниот кривичен суд – Скопје доставил и посебен предлог со кој се предлага мерката куќен притвор определена од судија на претходна постапка да биде продолжена.