Поднесено обвинение за спречување на новинарски екипи во вршењето на работата

Основното јавно обвинителство Кавадарци денеска поднесе Обвинителен предлог против 43-годишен жител на Росоман за кривично дело – Спречување службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска со став 2 и став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетиот, на 18 јули, на регионалниот пат Градско-Прилеп во близина на Росоман, спречил новинари и сниматели да вршат службени дејствија, односно да снимаат прилог за сообраќајна несреќа.

Тој најпрвин со агресивен тон и навреди се обратил кон снимател на Телевизија 24 и кон новинар на МРТ, а потоа со ногата удрил во сталакот на една камера и ја оштетил.

На овој начин новинарите биле спречени во нивната работа и го прекинале снимањето.