Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до Основниот суд Скопје 1 Скопје, поднесе обвинителен акт против двајца државјани на Република Србија и петмина македонски државјани во чија сопственост била најголемата лабораторија за производство на синтетички дроги во Југоисточна Европа. Станува збор за групата на лекарот од Србија, Милан Зарубица, кој беше уапсен во декември лани во Мала Речица, заедно со останатите обвинети.
На лицата им се става на товар дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори, а еден од обвинетите се гони за кривично дело Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи. Предметот е резултат на неколкумесечната истражна постапка и меѓународната правна соработка на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција со Јавното обвинителство за организиран криминал во Република Србија.Во текот на 2017 година обвинетите како меѓународна организирана криминална група во двете држави неовластено купувале, држеле, пренесувале и посредувале во продажба и купување на психотропни супстанции и прекурзори. Тие набавувале и опрема и материјали за кои знаеле дека се наменети за производство на психотропна супстанца-амфетамин- велат од обвинителството.
Според ОЈО, обвинетите дел од набавените материјали, супстанции и прекурзори, ги сместиле во објект во село Батинци, а дел во објект во Тетово каде инсталирале функционално техничко–технолошка целина. Во објектот во Тетово , сега обвинетите, започнале процес на преработка на различните материи, супстанции и прекурзори и производство на амфетамин.
При претрес на двете локации, од страна на полициски службеници се пронајдени и одземени различни машини и опрема, како и 67 најлонски кесички со вкупно 204.696 таблетки што содржат активната компонента амфетамин, со вкупна нето маса од 35 килограми, 910.415 таблетки различно спакувани со лого „каптагон“ што содржат амфетамин, со вкупна нето маса од 155 килограми, амфeтaмин со нето маса од 52 килограми и поголемо количество на супстанции што претставуваат меѓупродукти и продукти од споредни реакции во процес на добивање на амфетамин, како и прекурзори класифицирани во Националната листа во I и III категорија на прекурзори. При претрес на дом на еден од обвинетите е откриено оружје кое обвинетиот неовластено го поседувал и тоа еден полуавтоматски пиштол и 85 куршуми. Поради постоење на опасност од бегство, надлежниот обвинител со Обвинителниот акт предложи и продолжување на мерка притвор за сите обвинети, велат од обвинителството.