Поднесете приговор ако имате ладни радијатори, советува Регулаторна

Потрошувачите кои не добиле соодветна услуга од снабдувачот со топлинска енергија може да поднесат приговор до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), која информира дека снабдувачот е должен и да ја прилагоди температурата доколку има поплаки од Управител односно од Заедница на сопственици и барање за повисока температура од минимум пропишаната.

„Снабдувачот има обврска во текот на грејната сезона да обезбеди минимална температура од 20+1 Целзиусов степен во грејните простории во времето од 6 до 22 часот во текот на денот. Дополнително, согласно член 10 од Правилата за снабдување со топлинска енергија, управителот односно Заедницата на сопственици, поднесува писмено барање до снабдувачот за промена на режимот и нивото на испорака на топлинска енергија на мерното место. Снабдувачот е должен да постапи по барањето за температурниот режим на објектот што е доставено од управителот односно Заедницата на сопственици“, соопшти РКЕ.

По поплаките до снабдувачите, посочува Регулаторната комисија, екипи од снабдувачот мора да излезат на терен и да ја проверат фактичката состојба.

-Потрошувачите не постојат за да ги финасираат снабдувачите, туку за да платат услуга која треба да им биде обезбедена – вели Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Граѓани на Скопје, пред сè од Скопје Север и Топанско Поле во изминатите денови  реагираат зашто се оставени без парно или греењето им е многу слабо.

На нивните реакции вчера се огласи и Владата која ги повикува надлежните компании, градските и општинските власти итно да постапуваат по своите надлежности и да обезбедат топлинска енергија во домовите на граѓаните на Град Скопје.

Согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, цената на парното греење во Скопје од овој месец е зголемена за 14 отсто.