
Градоначалниците на Град Скопје и на општина Кисела Вода, Коце Трајановски и Билјана Беличанец-Алексиќ, денес во Големата сала на општина Кисела Вода одржаа заедничка средба со директорите на сите јавни претпријатија, претседателите и секретарките на месните и урбаните заедници ширум општината, како и со раководителите на поеднечните сектори во Градот и во општината.
На средбата, беше посочена добрата соработка меѓу Град Скопје и општина Кисела Вода, при што градоначалникот Трајановски упати благодарност за мини студијата која општината ја изработи во изминатите неколку дена и ја достави до сите директори на јавните претпријатија. Истата, содржи текст, фотографии и точни локации на проблемите со кои се соочуваат жителите на општината, а се во директна надлежност на службите на градот и треба да помогне во полесно и побрзо изнаоѓање на решенија.
На состанокот, претставниците на месните и урбаните заедници поставија доста прашања кои го засегаат локалното население, а одговор околу можните решенија добија директно од директорите на јавните претпријатија.
Евиденцијата на проблемите, можните решенија и предлози кои произлегуваат од ваквите средби, како и добрата соработка меѓу Градот Скопје и општина Кисела Вода, можат да дадат и даваат само позитивни резултати, беше заедничкиот заклучок кој произлезе од оваа средба.