Подобрена ситуацијата со пожарите во Грција, безбедна базата на военото воздухопловство кај Волос

Рано утрово значително е подобрена ситуацијата со сите пожари во Грција, а во близина на базата на военото воздухопловство кај Волос каде што вчера беше зафатен магацин со муниција и имаше експлозии, веќе не постои активно жариште, јави дописничката на МИА од Атина.
Пожарот во близина на приморскиот град Неа Агхиалос, поради силниот ветер, вчера попладне брзо се прошири, стигна до складиштето со муниција на военото воздухопловство и неколку часа имаше експлозии, а локалното население беше евакуирано по копнен и морски пат.

Од експлозиите во магацинот и ударниот бран што се создаде предизвикана е материјална штета на објекти во Неа Агхиалос.

Извори од Генералштабот на грчкото воено воздухопловство информираа дека веднаш откако избувнал пожарот било евакуирано складиштето што се наоѓа на околу шест километри северно од аеродромот каде што е и базата на воздухопловните сили и затоа од превентивни и безбедносни причини дел од воените авиони биле преместени на други аеродроми.

Паралелно поради експлозиите, грчката полиција направила безбедносна зона на растојание од три километри и преку бројот 112 за итни случаи беше испратена порака за евакуација на две населени места.

Според истите извори воената база е безбедна и не постои активно жариште, а во текот на вчерашниот ден не биле загрозени човечки животи.

Пожарникарите и понатаму продолжуваат да интервенираат и во конкретната област, како и на Родос, Крф и Евија за пожарите целосно да бидат ставени под контрола.