„Подобро за Тетово” со отворено писмо до Пендаровски: Разочарани сме од Вашиот молк!

Отворено писмо до претседателот Стево Пендаровски испрати Движење „Подобро за Тетово”.

Нивното писмо го пренесуваме во продолжение:

Почитуван претседател Стево Пендаровски,

Со длабоко разочарување го следиме Вашиот молк веќе три недели од објавувањето на монструозното дело на Јавното Обвинителство за прикривање и искривување на вистината и виновниците за пожарот во Модуларната болница во Тетово каде живи изгореа 14 луѓе, наши сограѓани.

Зачудувачки е и фактот дека Вие брзо реагирате за други помалку битни теми во споредба со ова трагедија.

Како што веќе знаете во нашата земја во период од 5 години се случија 4 големи трагедии, со 97 жртви и НУЛА денови затвор.

Сите политичари зборуваат за интеграцијата во ЕУ, а не се почитува тоа што ни е најсвето – човечкиот живот! Не знаеме како може една земја, која не може да обезбеди правда за овие 97 невини жртви, може воопшто да почне преговори за припојување кон европските вредности и начела.

Судството и обвинителството се лицето на криминалот и корупцијата, заштитници на злото во овие 30 години, кои на генерации наши млади и наши сограѓани им ги фрлија во одвод и им ги уништија перспективите за достоинствен живот.

Се соочуваме со диктатура на олигархијата спонзорирана од македонскиот правосуден систем. Тотална неодговорност и криминално владеење и во делот на извршната и во делот на судската власт.

Очекуваме од Вас да се повикувате на разум и да барате институционална одговорност за казнување на ова злосторничко здружување поради која целиот правен систем во нашата земја се наоѓа во голем ќорсокак.

Вклучувањето и на високообразовните институции за да ја сокријат вистината на ова злосторство и затајувањето на германската експертиза е лоша порака за иднината на општеството во ова земја.

Културата на неказнивост метастазирала во сите нивоа на системот и не знаеме која онкологија може да ја лекува болната Македонија од овој канцер.

Одговорност мора да има!

Нема правда, нема мир!