Подолјак: Во следните 48 часа ќе се знае судбината на Путин

Советникот на украинскиот претседател Михајло Подолјак тврди дека судбината на рускиот претседател Владимир Путин ќе биде позната наскоро, во контекстот на вооружениот бунт на Евгениј Пригожин со борците на неговата приватна воена компанија „Вагнер“.

„Во следните 48 часа ќе се дефинира новиот статус на Русија. Или целосна граѓанска војна или договорено предавање на власта, или привремено примирје пред следната фаза од падот на режимот на Путин. Сите потенцијални играчи сега бираат на која страна се. Тишината на руската елита засега е заглушувачка“, претенциозно објави Подолјак на Twitter без да прецизира за која „руска елита“ станува збор.

Украинскиот претседател Володомир Зеленски, пак, во саботата изјави дека бунтот на „платениците ја покажува очигледната целосна слабост на Русија“. „А колку подолго Русија ги држи своите платеници во нашата зземја, толку повеќе хаос, болка и проблеми подоцна ќе си предизвика самата себеси“, вели Зеленски.

По претходните описи и написи за единиците на „Вагнер“ како орди составени од закоравени најтешки криминалци и бескрупулозни платеници кои биле само „топовско месо“ на Русија во војната во Украина, сега откако Пригожин го објави вооружениот бунт украинските и западните медиуми пишуваат дека оваа платеничка паравојска била една од „најважните (руски) сили (на украинското боиште), но сега се свртија против власта“ во Москва.

Според непотврдени информации на германската новинска агенција DPA, единици на „Вагнер“ заземале „воени складишта и клучни постројки“ во Ростов на Дон, стотина километри од границата со Украина, важен логистички центар за воените операции. Наводно слично се случило и во градот Вороњеж, но тие информации не ги потврдува ниту самиот Пригожин во честите свои објави на социјалните мрежи.

Во саботата утророт во Вороњеж, Ростов на Дон и во Москва беше прогласена вонредна антитерористичка состојба поради бунтот на „Вагнер“ во кој наводно учествуваат 25.000 негови борци. Претседателот Владимир Путин бунтот го нарече предавство и порача дека лицата кои стојат зад него ќе бидат жестоко казнети.